ЕБОР: Македонската економија со 3,2 отсто раст во оваа и во наредната година

Европската банка за обнова и развој ги ревидира проекциите за растот на македонската економија за оваа и за наредната година на 3,2 отсто, наместо претходно очекуваните три проценти. ЕБОР во ноемврискиот извештај за економските перспективи на регионите што ги покрива, наведува дека македонската економија продолжи да заздравува по решавањето на политичката криза во 2017 година.

По зголемувањето од 2,7 отсто во 2018 година, стапката на раст се зголеми на 3,6 осто во првата половина од годинава. Растот најмногу се должи на зголемената домашната побарувачка и првенствено закрепнувањето на инвестициската активност.

Стапките на општата невработеност и невработеноста кај младите се намали на 18 и 35 отсто во однос на 2018 година кога изнесуваа 21 и 48 отсто. Инфлацијата остана ниска и изнесува еден процент во првите девет месеци од 2019 година. Растот се очекува да достигне 3,2 проценти и во 2019 и во 2020 година, поддржан пред сѐ од зголемувањето на инвестициите.

Решавањето на проблемот со името со Грција помогна да се зајакне довербата на инвеститорите, што е потврдено со зголемувањето на рејтингот на „Фич“ во јуни 2019 година на ББ +. Сепак, остануваат тековните ризици за економските проекции. Тие главно се однесуваат на одложениот почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, што може да го ослабне моментумот на реформите во земјата, оценува ЕБОР.

Во извештајот на ЕБОР се истакнува и дека растот во регионот на Западен Балкан забави во првата половина на 2019 година на 2,9 отсто (пад за повеќе од еден процентен поен од 2018 година). Забавувањето е забележано во сите економии, со исклучок на Косово и Северна Македонија. И покрај забавувањето во еврозоната, приливот на странски директни инвестиции во регионот останува силен, и овие економии ќе имаат корист од нивната поволна географска локација, квалификуваната работна сила и пониските трошоци за плати од оние во централна Европа, се вели во извештајот на ЕБОР.