Изложба „Локалитет 5“ во Стоби

Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско  Ве известува дека на 10.11.2019 година во 16.30 часот, на археолошкиот локалитет Стоби ќе се одржи ретроспективна изложба насловена „ЛОКАЛИТЕТ БР. 5“ на уметникот Љубомир Милошески од Струга. Изложбата претставува заокружување на 20 години творештво на авторот во Р. С. Македонија и надвор од неа.

Станува збор за исклучително специфичен израз, актуелен на светската ликовна сцена во поново време и вклучува уметничка инсталација, скулптура и фото принтови. Публиката ќе има можност во реално време да види содржини во рамки на визуелната уметност кои се случувале кај нас многу порано. За жал, досега не била пракса светските ликовни  практики да бидат запазени во јадрото на нашата држава.

ЛОКАЛИТЕТ БР. 5 е дискурс за веќе создаденото од бога, или анализа на досега создадените дела кои сè уште се дефинираат на патот од различни мислења и толкувања. Она што ќе биде поставено на постамент е она смелото во нас да се издигниме над сè, над нашето секојдневие, она кое заслужува внимание. Сите безброј знаци кои преку делата ќе стигнат до вашите мисли, ќе бидат дел од вашата свест и совест, ќе Ве поттикнат да поставите прашања кои се од значење за поставеното ликовно дело, за авторот, за вас…