Францускиот претседател Емануел Макрон оцени во четвртокот дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“, укажувајќи на намалувањето на ангажманот на САД и однесувањето на Турција, двете членки на Алијансата кои ги имаат најголемите армии.
„Оно низ што во моментов минуваме може да се опише како мозочна смрт“, рече Макрон и во пресрет на самитот на НАТО во декември во Лондон повторно повика на јакнење на одбранбените капацитети на Европа.
„Повеќе не постои никаква координација во носењето на стратешките одлуки меѓу САД и сојузниците во НАТО и моментално присуствуваме на агресијата на партнерска Турција во зона во којашто, без координација, нашите интереси се ставени на коцка“, предупредува францускиот претеседател во интервјуто за The Economist.
„Тоа што се случува претставува голем проблем за НАТО“, порача Макрон.
Во тие околности, францускиот челник се запрашува каква е иднината на Членот 5 на Северноатлантскиот сојуз кој предвидува воена солидарност меѓу членките на Алијансата доколку една биде нападната.
„Се ангажиравме во борбата против Исламската држава. Парадоксално е што американската одлука и турската офанзива и во двата случаи имаат ист исход: жртвување на нашите партнери на теренот кои се бореа против Исламската држава, односно Сириските демократски сили (SDF)“, вели Макрон.
Оттаму, смета Макрон, Европа од една страна мора да ги зајакне своите воени капацитети и на воен план да стекне стратешка автономија, а, од друга страна, повторно да го покрене стратешкиот дијалог со Русија од кој би отсуствувала секаква наивност, за што, како што оценува, ќе биде потребно време.
За американскиот претседател Доналд Трамп вели дека на НАТО гледа како на некој трговски проект.
„Според него, тоа е еден проект кој на САД им овозможува еден вид геополитички чадор, но исто така и одредена трговска ексклузивност. Франција на тоа нема да се согласи“, порача Макрон.
Францускиот претседател смета дека „сега е итно потребно да се разјаснат стратешките цели на НАТО“.