
Министерството за здравство информира дека вакцинацијата против сезонски грип почнува на 22 ноември 2019 година.
Граѓаните кои се заинтересирани за сезонската имунизација против грипот, загрижено реагираат зошто вакцини сѐ уште нема, а се оди веќе и кон средината на ноември.
Додека во соседна Србије веќе неколку недели е започната вакцинацијата, во Македонија веќе имаме педесетина случаи на грип. За да се заштитат граѓаните од ова заразно заболување, неопходни 2 до 3 недели за да се стекне имунитет по вакцинацијата.
Од Министерството за здравство, велат дека вакцинацијата ќе почне деновиве, што пак е оптимален период, бидејќи пикот на активноста на вирусот на грип се очекува кон крајот на јануари и почетокот на февруари.
„Оваа година Министерството за здравство, по пат на јавна набавка набавува 28.000 вакцини за грип, со кои бесплатно ќе се вакцинираат бремени жени во кој било период од бременоста, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, стари лица (над 65 години), лица со хронични болести. Вакцинацијата ќе се закажува преку матичните лекари.
Постапката за набавка на вакцините против грип се спроведува во рамки на утрврдените рокови според Законот за јавни набавки.
Вакцинацијата започнува деновиве, што е оптимално време за вакцинација, бидејќи во земјава пикот на активноста на вирусот на грип се очекува кон крај на јануари и почетокот на февруари. Дополнително, напоменуваме дека вакцината може да се прими во тек на целата сезона.
Исто така, Центрите за јавно здравје имаат набавено комерцијални вакцини против грип, кои се наменети за сите останати граѓани кои сакаат да се вакцинираат“, велат од Министерствоот за здравство.
Во Центрите за јавно здравје, вакцинацијата ќе се одвива во две смени, додека пак бесплатната вакцинација во трите поликлиники ќе се одвива во периодот од 14:00 до 18:00 часот.
Заинтересираните лица можат да закажат бесплатна вакцинација од 18 ноември, преку својот матичен лекар. Како и во изминативе сезони, пикот на активноста на вирусот на сезонски грип се очекува во месец февруари. Вакцинацијата во ноември и декември ќе обезбеди најголема заштита во периодот кога се очекува активноста на вирусот да биде највисока, а тоа е во месец февруари 2020 година.