Потрошувачката на нафта на глобално ниво до 2050 година може двојно да се намали ако се исполнат прокламираните енергетски цели на ОН и Парискиот договор, се дознава од најновиот извештај на Меѓународната енергетска агенција.
Според основното сценарио, вклучена е делумна реализација на прокламираните еколошки и енергетски цели, се предвидува раст на побарувачката на нафта од 96,9 милиони барели дневно во 2018 година до 106,4 милиони барели дневно до 2040 година. Конзервативното сценарио предвидува раст до 121 милион барели дневно до истата година.
Додека, пак, сценариото за одржлив развој во кое се пресметани успешно реализирани енергетски цели на ОН и Парискиот договор за намалување на издувните гасови, предвидува побарувачката на нафта до 2040 година да се намали до 66,9 милиони барели дневно, а до 2050 година да се преполови, до 50 милиони барели дневно.
Според основното сценарио, најголем растеж на потрошувачка на нафта се очекува во Индија, Блискиот Исток и Африка, се вели во најновиот извештај на МЕА насловен „Светскa енергетскa перспектива 2019“.