Најпознатиот хрватски продуцент Бранко Лустиг почина утринава во Загреб, пишуваат хрватските медиуми.
Лустиг почина на 87-годишна возраст, а причината за смртта сè уште не е позната.
Освен што беше најпознат хрватски продуцент, Лустиг е и двоен добитник на Оскар за филмовите “The Schindler’s List” од 1993 година и “Gladiator” од 2000 година.
Роден е во Осијек во 1932 година, а поради еврејското потекло бил затвореник во злогласните концетрациони логори Аушвиц и Берген-Белсен за време на Втората светска војна.
Поминал повеќе од 50 години во филмската индустрија, а кариерата ја започнал работејќи на филмовите “Ne okreći se, sine” и “Kozara”. Во седумдесеттите години на минатиот век работел со странски копродукции, а таа работа и познанствата му овозможиле да замине во Лос Анџелес во 80-тите години.
Набрзо го запознал Стивен Спилберг со кој го создал филмот “The Schindler’s List” , освоил Оскар и станал влијателен продуцент во Холивуд. Пo “The Peacemaker” со Џорџ Клуни и Никол Кидман, почнал да соработува со Ридли Скот со кој, по “Gladiator”, соработувал и на филмовите “Hannibal”, “Black Hawk Down”, “Kingdom of Heaven”, “A Good Year” и “American Gangster”.
Пред 10 години Лустиг одлучил да се врати во Хрватска, а оваа година беше прогласен за почесен граѓанин на Загреб за исклучителниот придонес за промовирање на вредноста на демократското општество, филмската уметност и културата на разбирање на различностите.