Унапредување на економските односи преку раст на трговската размена и инвестициите, порача министерот Хасан од Бурса

Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан во Бурса оствари работна средба со Стопанската комора на Бурса, на која присуствуваа повеќе од 100 стопанственици, а повеќето од нив беа иселеници од Северна Македонија и Балканот, соопшти кабинетот на Хасан.

Од кабинетот посочија дека на средбата била одржана презентација во која се претставени условите за инвестирање во Северна Македонија и предностите на ТИРЗ зоните и бил искажан огромен интерес.

– Министерот порача дека е потребно да се унапредат економските односи преку зголемување на трговската размена и инвестициите. Заедничката цел на двете земји е бројката на трговската размена да стигне до милијарда долари, а моментно бројката изнесува околу 500 милиони долари, во таа насока министерот Хасан ги повика да инвестираат во нашата земја каде што бизнис климата е погодна и постојано се подобрува, информираа од кабинетот на министерот.

Министерот, при посетата, остварил работна средба  и со градоначалникот на Бурса, Алинур Акташ и гувернерот на Бурса, Јакуп Џанболат.

– На средбите беше истакната поддршката која Република Турција и ја дава на Северна Македонија во процесот на евроатлантските интеграции. Република Турција била најсилен сојузник на Северна Македонија уште од независноста на земјата, а од тогаш билатералните односи и соработката се одлични, посочија од кабинетот на Хасан.