
Големите поплави, кои во изминативе десетина дена го зафатија Балканот, причиниле штети во износ од околу 3 милијарди евра и може негативно да влијаат на економскиот раст и да придонесат за зголемување на инфлацијата, соопшти Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), јавува ДПА, пренесува Нетпрес.
Според првичните „најгруби проценки“, Србија претрпе штета меѓу 1,5 и 2 милијарди евра, а Босна и Херцеговина околу 1,3 милијарди евра, наведува ЕБОР.
Најпогодено е земјоделието, кое учествува со околу 10 отсто во БДП на Србија, и околу 6 отсто во БДП на БиХ. Проценетите загуби во овој сектор се неколку стотици милиони евра.
Големи штети има и во производствените капацитети за електрична енергија, но и во рударството. Целосно уништени се ископите на камен јаглен во Србија, кои обезбедуваат околу половина од суровината за термоцентралите.
Исто така, поплавите нанесоа големи штети и на транспортната инфраструктура во двете балкански земји, посочува ЕБОР, и дополнува дека последиците од природната непогода со сигруност ќе ги забават и реформите во Србија и во БиХ.