Власта притиска за ветинг, правосудството резервирано

На само неколку месеци пред изборите договорени за 12-ти април власта со сите сили притиска за спроведување на ветинг во правосудството. Судиите и обвинителите резервирани кон процесот на „прочистување“ во нивните редови.

Министерката за правда, Рената Дескоска уверува дека чесните судии и обвинители немаат причина да стравуваат од ветингот. Вели процесот нема да го спроведува Владата, туку експертска комисија со меѓународни претставници.

„Ветингот не го спроведува извршната власт, туку на експертско ниво мешовита комисија, во која што во многу земји учествуваат и меѓународни претставници како гарантори на процесот“, рече Дескоска.

 

Но, останува на ставот дека ветингот е подобра опција од актуелните состојби во судските и обвинителските редови.

„Останувам на ставот дека е многу побитно да имате чесни и професионални судии и обвинители, отколку да ги има а да не си ја вршат работата како што треба. Тие носат поголема штета, отколку што би било забележано како штета нивното оптсуство во судството“, рече Дескоска.

Правосудството вели нема против спроведување на ветинг, но сметаат дека овој процес треба да биде добро осмислен и со соодветни подготовки. Најголем проблем, согласни се и судиите и обвинители, е пополнувањето на местата кои би останале празни по спроведувањето на ветингот.

Претседателот на Судски совет, Киро Здравев вели ветингот спроведен во Албанија покажува дека овој процес има позитивни и негативни страни. Здравев смета дека пред спроведување на ветинг треба да се зајакнат капацитетите на Академијата за судии и обвинители со цел да се обезбеди доволно кадар за местата кои би останале празни.

За претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски спорно е тоа што ветингот власта го најавува на само неколку месеци предизбори. Според Колевски, ова не е најсоодветен период за „проветрување“ во правосудството.

„Сега сме наводно пред изборен период, не знам дали ветингот би требало и набрзина да се спроведе. Најпрво треба добро да се осмисли и постапката да не биде брза. Едноставно тоа да не значи веднаш разрешување судии и обвинители, туку треба да се види дали има основа за такво нешто. Затоа што во овој момент имотната состојба на судиите и јавните обвинители се контролира. Сите јавни обвинители и судии поднесуваат пријава до Антикорупциската комисија за сопствената имотна состојба и имотната состојба на сите јавни обвинители и судии е на увид на јавноста. Секој може да изврши увид во податоците“, вели Колевски.

Според него, треба да се осмисли дали ќе биде опфатен само имотниот дел или ќе бидат опфатени и некои други сегменти за, како што нагласува, да не дојдеме утре во ситуација да се влоши состојбата во правосудниот систем, наместо да се подобри.