Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска оцени дека снимката за наводниот руски разузнавач, е само последна во низата провокации.
-Сега доаѓа средба на врвот (на почеток на 4 декември меѓу Путин и Вучиќ) и ние сме навикнати една недела или неколку дена пред ваквите состаноци да се појават интересни приказни, некакви сензации. И, тогаш времето минува и сето тоа завршува и се утврдува дека се работело за евтина провокација, рече Захарова на редовната прес-конференција, пренесува Спутник.
Како што истакна таа, сите прашања што се од интерес на земјата се решаваат преку соодветни канали, „а ова ние треба да го третираме како провокативна приказна“.
-Со ова видео треба да се занимаваат оние на кои тоа им е наменето, а за пошироката јавност е очигледна задачата поставена од авторите на овој таканаречен филм: тоа е провокативна акција, обид да се испровоцира соодветно расположение кај луѓето пред цела низа на разговори, средби, посети. Вакво нешто веќе имаме видено. Во последната година можам да наведам десетина слични случаи кога или пред посети, разговори, самити или веднаш потоа, се одвиваа слични провокативни приказни, хибридни гестови, лажни вести, рече Захарова.
– Ако постојат какви било прашања, секоја држава има соодветни инструменти да ги реши на цивилизиран начин. Сите ние сме возрасни и сите тоа совршено го сфаќаме, заклучи портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.
Таа истакна дека прво мора да се потврдат сите информации: кога е снимено видеото, кој е прикажан на снимката, кој го монтирал.
Во врска со овој случај денес се огласи и Кремљ преку портпаролот Дмитриј Песков.
Кремљ е уверен дека ништо не може да ги наруши односите меѓу Русија и Србија, и покрај тоа што претседателот Александар Вучиќ отвори истрага за снимката која наводно покажува како руски агент му дава пари на припадник на српските безбедносни служби, оцени Кремљ, пренесен од Тасс.
-Односите со Србија се партнерски, од братски и сојузнички карактер. Ништо не може да влијае на тоа, рече портпаролот Дмитриј Песков.
„Ние не знаеме за каков инцидент станува збор и дека допрва тоа треба да се утврдува“, рече Песков. Тоа не е прашање со кое треба да се занимава претседателството, додаде портпаролот на Кремљ.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска имаше состанок со рускиот амбасадор Александар Боцан Харченко, а по состанокот во соопштение на Претседателството, се наведува дека Вучиќ вечерва во обраќањето пред јавноста ќе информира за деталите, по завршување на закажаната седница на Советот за национална безбедност на Србија.
Вчера Безбедоносно-информативната агенција (БИА) ја потврди автентичноста на снимката од шпионската афера, но без никакви детали, само потврдувајќи дека се работи за рускиот разузнавач Георгиj Клебан.
На снимката се гледа како, според медиумите, разузнавачот на Воената разузнавачка служба на Русија (ГРУ), Георгиj Клебан, кој до јуни годинава работел како заменик на одговорниот за одбрана во руската амбасада во Белград, дава пари на еден, според медиумите, висок српски офицер.