„Централна кооперативна банка“ со загуба од шест милиони денари

„Централна кооперативна банка“ (ЦКБ) соопшти дека во првите девет месеци од годинава забележала нето загуба од шест милиони денари (98.000 евра).

Во истиот период лани, како што наведува „SeeNews“, банката имаше профит од 6,3 милиони денари.

Банката објаснува дека овогодишната загуба се должи на растот на трошоците за финансиско работење, кои во посочениот период изнесувале 37,1 милиони денари, за разлика од трошоците во првите девет месеци од 2018 година, кога изнесувале 17,1 милиони денари.

Нето приходите на ЦКБ од камати во првите три квартали од годинава достигнале 206 милиони денари, додека нето приходите од надоместоци и провизии изнесувале 56,4 милиони денари. Во периодот јануари-септември 2018 година, приходите на банката од камати изнесуваа 201 милиони денари, а од надоместоци и провизии 51,9 милиони денари.

Персоналните трошоци на банката во посоченото деветмесечје достигнале 115,8 милиони денари, што претставува зголемување во однос на истиот лански приод кога тие изнесувале 113,1 милиони денари, додека другите оперативни трошоци се зголемиле на 109 милиони денари, од ланските 105,2 милиони.

Средствата на банката на крајот на септември годинава изнесувале 9,95 милијарди денари, што претставува раст во однос на крајот на 2018 година, кога тие изнесувале 9,21 милијарди денари.

Кредитите и позајмиците на клиентите на банката на крајот на септември пораснале на 6,65 милијарди денари од 6,33 милијарди денари на крајот на минатата година, додека депозитите се зголемиле на 8,32 милијарди денари од 7,77 милијарди.