Граѓаните на скопско Визбегово денеска протестираа против дисперзираниот објект на Домот за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение од Скопје во нивната населба, за да укажуваат на несоодветноста со изборот на објектот за оваа намена.
Тие се жалат дека во вечерните часови децата се шетаат по куќите и прават проблеми и дека постојано им бараат цигари и алкохол, а правеле штета и врз недвижниот имот.
Катерина Тодороска од Организацискиот одбор на собирот изјави дека не протестрираат против младитре лица со нарушено поведение, туку против неадекватноста на изборот на локација за објектот за ваква намена и против неорганизираноста на процесот на т.н. ресоцијализација на овие штитеници.
– Тоа се млади лица со нарушено поведение за кои се организира образовен процес во истиот објект каде живеат. Со таквиот факт се разнебитува прокламираната идеја дека тие млади лица со нарушено поведение ќе се ресоцијализираат, бидејќи познато е дека најдобра социјализација и ресоцијализација на секоја идивидуа се случува во период на мешање со свои врсници. Во случајот, се работи за млади лица со нарушено поведение кои се „ресоцијализираат“ меѓусебно, а при тоа лицата имаат и воспитно-социјални проблеми, вели Тодороска.
Тие бараат итно да се прекине „овој непрофесионален, нетранспарентен и во сериозни размери ризичен проект на Министерството за труд и работа и УНИЦЕФ и најавија дека ќе продолжат да протестираат против овој проект се до решавање на ситуацијата.
Директорката на трансформираните установи „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“, Виолета Масевска Палиќ ги отфрла овие наводи на локалните жители и вели дека во домот се згрижени три деца и не прават проблеми. Таа додава дека досега нема ниту една пријава кај нив, ниту во МВР за некакви проблеми направени од децата.
Директорката информира дека утрово децата биле префрлани на друга локација каде ќе останат до завршување на протестот, по што ќе бидат вратени во домот во Визбегово.
– Утрово децата ги дислоциравме во средина којашто ги прифаќа овие деца и која не пати од предрадуси и нема потреба да ги дискриминира. Меѓутоа не успеавме во нашата цел затоа што кога го напуштија својот дом ни поставија едно прашање „Зошто соседите не не сакаат и не не почитуваат?“. Трите деца од поранешна „Ранка Милановиќ“ сместени во малиот групен дом во Визбегово имаат 24часовен надзор од стручни лица. Децата почнаа да не прашуваат зошто не не сакаат во оваа околина. Тука првпат добиваат топол дом и грижа кои досега има недостасувале во животот. Неколку недели пред децата да се преселат во куќата во Визбегово, беа известени сите блиски соседи коишто се најдени во своите домови, изјави Масевска Палиќ.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права ги поздравуваат напорите на Министерството за труд и социјална политика за реализација на заложбата да се деинституционализираат сите деца кои се сместени во нехумани услови и изолирана средина.
– Комитетот го поддржува доследното спроведување на реформата, која е започната уште пред петнаесетина години. Декларацијата за правото на детето и Конвенцијата за правото на детето, како и домашните закони кои ја регулираат детската заштита ги обврзуваат државните институции преку нивните мерки да се грижат за најдобрите интереси на детето. Но, грижата за нив, особено за оние кои се најзагрозени, е обврска на целото општество. Воспитно-социјалните проблеми на децата, кои од домот ,,Ранка Милановиќ’’ се преместуваат во мали групни домови, се производ на негрижа, насилство и занемарување со кое се соочиле уште на самиот почеток на нивниот живот. Тие деца заслужуваат шанса и поддршка за да растат и да се развиваат како останатите деца, а не дополнително да се стигматизираат и да се одвојуваат од општеството. Притоа, нагласуваме дека големите институции се надминат концепт за згрижување, кој има сериозни негативни ефекти врз развојот на децата и нивното оформување во возрасни личности, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Од таму апелираат жителите на Визбегово да покажат емпатија, разбирање и прифаќање за децата кои се селат во нивната околина, во дом кој не е институција и кој наликува на семејна средина, а што е суштински предуслов за нивна социјализација и напредок.