
Чилеанскиот претседател Себастијан Пинера изјави во неделата дека на гласање ќе поднесе закон кој ќе овозможи мобилизација на војската поради заштита на главната инфраструктура во земјата и нема да бара прогласување воена состојба.
Според овој нацрт-закон, чилеанските вооружени сили може да „учествуваат во заштитата на главната инфраструктура, па и на главните јавни служби и полициската инфраструктура чиешто добро функционирање е пресудно за безбедноста и квалитетот на животот на сите Чилеанци“, изјавил Пинера за новинарите по повод посетата на полициската академија.
Законот ќе овозможува таквите задачи да им се доделат на војниците а да „не мора да се прогласува вонредна состпојба според уставот, ниту да се ограничуваат граѓанските слободи и права“, додал чилеанскиот претседател.
Според уставот на Чиле вооружените сили се задолжени за националната одбрана и немаат овластувања кога станува збор за јавниот ред и мир и внатрешната безбедност, за што е задолжена полицијата. Војската во моментов може да интервенира во оваа сфера само во вонредни случаи предвидени со уставот и во време на природни катастрофи.
Пинера, кој се соочува со социјален бунт каков во Латинска Америка не е виден со децении, на 18-ти октомври прогласи вонредна состојба која траеше девет дена. Таа мерка им овозможи на вооружените сили да ја контролираат безбедноста на граѓаните и да ги заштитуваат јавните простори. Полицијата во текот на кризата беше цел на остри критики поради кршење на човековите права и немоќта да се справи со грабежите и палењето на продавниците. Нападнати беа и повеќе од сто полициски станици.
Бројот на Чилеанците кои ги загубија животите во протестите кои станаа насилни во саботата се искачи на 23 жртви. Најновата жертва е 13-годишно момченце за кое портпаролот на полицијата соопшти дека било прегазено од комбе во текот на протестите во Арика, околу 2.100 километри северно од главниот град Сантијаго. Во најтешката криза во трите децени по крајот на воената диктатура повредени се повеќе од две илјади луѓе, меѓу кои и 280 луѓе кои претрпеле оштетувања на очите од полициското користење на топчиња од стиропор кои се истрелуваат од посебни пушки.
Веќе петта седмица од почетокот на социјалниот бунт грабежи, подметнувања пожари и протисти се одвиваат ширум земјата. Најавата на политички договор за нов устав на Чиле не успеа да ги запре и гневот на граѓаните и крвопролевањата. Гневните Чилеанци од 18-ти октомври протестираат против социјалната и економска нееднаквост, како и против етаблираната политичка елита која главно доаѓа од малиот број најбогати семејства во земјата.