Двајца аргентински свештеници осудени на над 40 години затвор за сексуално злоставување на глуви деца

Аргентинскиот суд во понеделникот осуди двајца свештеници и поранешен домар на католичко училиште за глуви во покраината Мендоза, поради 25 докажани случаи на сексуално злоставување и сексуални односи со малолетници.

Свештениците Николо Корад и и Хорасио Корбачо се осудени на 42 односно на 45 години затвор, додека вработениот во училиштето, домарот Армандо Гомез добил 18 години затвор.

Во текот на судската расправа која траеше 49 дена, жртвите бараа максимална казна за двајцата свештеници – 50 години затвор за секој од нив, а обвинителството бараше судот да одреди 45 години за свештениците, за 16 и 5 докажани случаи, и 22 години за домарот за 4 случаи.

Читањето на пресудата на судиите од кривичниот суд Карлос Дијаз, Маурисио Хуан и Анибал Кривеља, беше пренесувано во живо во цела Аргентина. Осудените немаат право на жалба на пресудите.

Повеќе од дваесет ученици во училиштето во Мендоза, во институтот за глуви „Антонио Приволо“ сведочеа против двата свештеника и домарот на улилиштето.

Претходно во ноември аргентинското обвинителаство побара апсење на римокатолички бискуп, откако беше соопштено дека повеќепати ги игнорирал поканите и електронските пораки, иако е осомничен за сексуално злоставување. Бискупот Густаво Занкета живее во Ватикан и претходно ја извршувал должноста во финансискиот оддел, се наведува во објавата на обвинителството.