
Хаос се случуваше утрово на шалтерите на Град Скопје, во барака 16. Стотици граѓани нервозно чекаа во редица, со сметки и документи во рака, коментирајќи гласно и обидувајќи се што побрзо да дојдат на ред и да добијат објаснување од одговорните, зошто им се блокирани банкарските сметки поради долг за данок на имот. Инаку, барака 16 на Град Скопје, во близина на Градскиот парк, е единственото место каде буквално сите правни и физички лица од Скопје и од околните населби и села мораат да пријават или одјават данок на имот или да побараат било каква информација и помош во врска со даноците.
Утрово во барака 16 нервозата и револтот кај граѓаните, дојдени од сите страни на Сјопе, кулминираше затоа што за веќе подмирени давачки за годишен данок на имот, имаат блокирани банкарски сметки, односно нивната уплата не е евидентирана во Град Скопје. Така, поради грешка во нивни пресметки, граѓаните се малтретираат непотребно и чекаат по шалтери со часови за да докажат дека немаат никаков долг кон Градот. При тоа, „полесно“ поминуваат оние кои ги чуваат уплатниците, додека на другите кои ги изгубиле, не им преостанува друга опција, освен повторно да ја извршат уплатата на сметка на Градот. За оние пак, кои ќе докажат дека имаат извршено уплата, следниот чекор е одење во банка за деблокирање на трансакциската сметка. За тоа треба од џеб да дадат од 400 денари нагоре, зависно колку дена биле блокирани.
Па, луѓето кои утрово беа низ ходниците во барака 16 се прашуваа меѓусебе, дали оваа акција на Град Скопје е можеби во договор со банките, на кои сега ќе им се полнат касите за одблокирање на трансакциските сметки? Затоа што најверојано се блокирани илјадници сметки.
„Ова не е нормално. Се зачудив кога добив порака од банка дека ми е блокирана сметката. Среќа што ги чувам уплатниците и сега треба само да ги приложам. А тоа што губам неколку часа од работното време, дали некому е грижа? Што плаќам паркинг за тоа време и што треба од џеб да дадам 400 денари за деблокирање на сметката во банка, поради грешка на Град Скопје, не моја. Едната уплата на сметка за данок за 2018 година е направена онлајн и кога му ја покажав на едно одговорно лица, ми рече: „Како не, може си ја сликал само уплатницата, а не си платил, оди таму на шалтер разбери се“, вели М.С. од Скопје, кој додава дека дополнително чекал половина час за печат и за потпис на потврдата од Градот за подмирени долгови, затоа што некој шеф „моментално“ не бил во канцеларија.
Во општиот хаос утрово во барака 16, најзбунети беа повозрасните и пензионерите од кои некои беа и со бастуми. Кој од нив пред 10 години продал стан и платил данок на имот, а сега е блокиран, кој немал платено една сметка…
„Еве синко, сега го платив данокот за 2018, не можев до сега, мала ми е пензијата, па сте ме блокирале, а треба лекови денеска да купам, што да правам сега?“ му се обраќа една бабичка на еден шеф, а тој ѝ вели : „Еее, од лани дури сега си платила, до сега немаше да платиш од пензијата, ма ајде!“
Во состојба на револтираност и напнатост, дојде и до расправија на политичка основа. „Градоначалникот што ние го гласавме, вака треба да ни враќа и да не малтретира? Срам да му е. Од нас ќе ги полни џебовите, за да се части по кафани?“, му се обрати граѓанин на едно одговорно лице, кој навреме ги имал платено сите давачки за данок, а има блокирана сметка. На тоа лицето му рече: „Ај, излегувај од тука, не ти е срам, како така навредуваш…еден неизживеан сељак, ти ќе ми кажеш, јас сум овде 20 години…“. Човекот му врати :„Јас сум можеби сељак, ама со градски манири, за разлика од тебе“.
Така отприлика изгледаше утрешната атмосфера во барака 16 во Град Скопје, а веројатно е слична и секој друг ден.
Не можеше да се слушне од одговорните, извинете за направената грешка, ние ќе ги сносиме трошоците за во банка, вие не сте виновни. Затоа што онака како што можеле по службена должност да пратат допис до банките за блокирање на сметките, логично, можат истото да го направат и за деблокирање.
Град Скопје во текот на септември и деновиве најави со соопштение дека ќе блокира банкарски сметки на физички и правни лица (што е за прв пат) ако немаа подмирено давачки за данок на имот заклучно со 2018 година. Крајниот рок да се изврши уплатата бече 15 ноември, во спротивно, следува блокада во банка. Но, поради грешките во евиденцијата и општиот хаос што настана пред шалтерите во барака 16, требаше пред да се реализираат заканите за блокирање, Град Скопје да си ги среди податоците во компјутерскиот систем.