
Во дербито на вечрта во средата во Лигата на шампиони, европскиот првак Ливерпул одигра дома 1:1 со Наполи, додека Барселона на својот „Ноу Камп“ без многу напори со 3:1 ја совлада Борусија Дортмунд.
Ливерпул бркаше победа со која ќе го осигураше првото место во Групата Е и минување во осминафиналето. Меѓутоа, сега му се заканува рана елиминација во групната фаза во одбраната на титулата во Лигата на шампионите, доколку во последното коло загуби на гостувањето кај РБ Салцбург, а Наполи дома го совлада Генк.
Наполи во водство дојде во 21 минута по брзиот противнапад кој во погодок го претвори Дриес Мертенс. Ливерпул до крајот на првиот дел доминираше, имаше неколку шанси но не успеа да го совлада Алеск Мерет. „Редсите“ сепак во второто полувреме израмнија, а погодокот за 1:1 го постигна во 66 минута Дејан Ловрен, по нафрлување од корнер.
Во втората средба од оваа група, РБ Салцбург како гостин со 4:1 го победи Расинг Генк и си обезбеди европска пролет најмалку во Европската лига. Головите за австрискиот шампион ги постигнаа Патсон Дака во 43, Такуми Минамино во 45, Хи-Чан Хванг во 69 и Ерлинг Браут Хааланд во 87 минута, додека гостите намалија во 85 минута преку Мбвана Самата.
Во пресрет на последното коло во Групата Е води Ливерпул со 10 бодови, Наполи има 9, РБ Салцбург 7 а Генк еден бод. Во последното коло Австријците го пречекуваат Ливерпул, а Наполи игра со Генк.
Во Групата Ф Барселона пред своите навивачи со победата над Борусија Дортмунд од 3:1 го потврди првото место и пласманот во осминафиналето. Ова беше 700-от меч на Лионел Меси во дресот на Барселона, а покрај двете асистенции го прослави со погодокот во 33 минута за 2:0, што е негов 613-ти за „Блау Грана“. Претходно во водство домашните ги донесе Луис Суарез во 29 минута, а на 3:0 зголеми Антоан Гризман во 67 минута, повторно на асистенција на Меси кој малку подоцна од слободен удар откосо со одличен удар ги погоди местото каде што се спојуваат гредата и пречката. Во 77 минута Џејдон Санчо постигна многу убав гол за гостите.
Со идентичен резултат 3:1, Интер славеше на гостувањето во Прага кај Славија со што ги продолжи надежите за минување во осминафиналето. „Нераѕурите“ поведоа во 19 минута со голот на Лаутаро Мартинез на асистенција на Ромелу Лукаку. Во 36 минута Лукаку постигна погодок за 2:0, но беше поништен, а судијата по прегледувањето на ВАР-от досуди пенал за Славија поради прекршок на Де Ври врз Олајинка, кој сигурно го реализираше Томаш Саучек. Лукаку постигна уште еден гол, овојпат за водство и тоа во 80 минута, а до крајот на мечот победата на гостите ја потврди Мартинез со својот втор гол на мечот во 88 минута.
Во Групата Ф на табелата води Барселона со 11 бодови, Борусија Дортмунд и Интер имаат по 7 а Славија Прага 2 бода. Во последното коло Интер е домаќин на Барселона, а Борусија дома игра со Прага. Доколку и по последното коло Интер и Борусија бидат бодовно израмнети, предноста ја има клубот од Милано.
Во Групата Г Бенфика беше на прагот да го направи изненадувањето на вечерта, и имаше водство од 2:0 на гостувањето кај РБ Лајпциг, но германскиот тим успеа на крајот да израмни. Португалците поведоа со головите на Пици во 20 и Карлос Виникиус во 59 минута, а во последните моменти, односно во 90 од пенал и шестата минута од судиското продолжение честа на Лајпциг ја спаси Емил Форсберг со двата погодока.
Претходно во првиот меч од оваа група руски Зенит со головите на Артем Дзјуба во 42 и Магомед Оздојев во 84 минута со 2:0 го победи Лион.
На табелата во Групата Г води РБ Лајпциг со 10 бодови, а Зенит и Лион имаат по 7, додека Бенфика е последна со 4 бодови. Во последното коло се среќаваат Лион – Лајпциг и Бенфика – Зенит, па јасно е дека до крајот не се знае конечниот редослед.
Во Групата Х, Ајакс со гостинската победа кај Лил со 2:0 е на чекор до минување во следната фаза. Амстердамците поведоа веќе во 2 минута преку Хаким Зијеч, а вториот погодок беше дело на Квинси Промес во 59 минута.
Во претходно завршениот дуел од оваа група Валенсија и Челзи одираа 2:2. И двата клуба со победа можеа да си осигураат минување, но отако освоија по бод, одлуката кои тимови ќе одат во осминафиналето ќе падне во последното коло.
Валенсија беше многу поблиску до победата, но Макси Гомез и Родриго не постигнаа погодоци од ситуации од кои е невозможно да се промаши. Домашните поведоа во 40 минута со голот на Карлос Солер, но само минута подоцна со убав удар од 20-ина метри израмни Матео Ковачиќ. Во 50 минута гостите од Лондон направија пресврт со колот на Кристијан Пулишич, а Валенсија во 64 минута можеше да израмни, но Дани Парехо не реализираше пенал. Сепак, Даниел Вас во 82 минута израмни на 2:2.
На табелата во Групата Х во водство е Ајакс со 10 бодови, Челзи и Валенсија имаат по 8, а Лил е со само еден бод. Во последното коло се чини Челзи има подобри изгледи за пласман во осминафиналето затоа што е домаќин на отпишаниот Лил, а Валенсија му гостува на Ајакс.