
Бројот на новодојдените мигранти во Велика Британија паднал на најниското ниво во речиси шест години, благодарејќи на помалото пристигнување на европските граѓани во пресрет на излегувањето на земјата од Европската унија, покажуваат официјалните податоци објавени во четвртокот.
Имиграцијата од Европската унија е во постојан пад откако Британците на 23-ти јуни 2016 година на референдумот гласаа за излегување од Унијата, но и натаму е тоа е чувствително прашање пред одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12-ти декември.
Британското државно биро за статистика објави дека 212.000 луѓе повеќе се доселиле отколку што се иселиле од земјата, што е најмалку од 2013 година. Притоа, бројот на новопристигнатите европски граѓани паднал на 48.000, што е најмалку од почетокот на ваквото броење во 2009 година, додека рекордни 151.000 се иселиле од Британија. Во истиот период во Британије се доселиле 229.000 луѓе надвор од ЕУ.
Министерката за внатрешни работи, Прити Пател, го поздрави падот на бројот на имигрантите, но додаде дека треба да се стори повеќе за да се запре приливот на странците. „Имиграцијата од 210.000 луѓе годишно е неодржлива и тоа не е она што Британците го сакаат“, рече министерката.
Конзервативниот премиер Борис Џонсон вети дека ќе го ограничи бројот на луѓето кои пристигнуваат на Островот, преку примената на австралискиот систем на бодување. Додека, пак, опозициските лабуристи велат дека миграцијата треба да им одговара на потребите на стопанството.