Ирачкиот премиер Махди поднел оставка, во Багдад започна со работа антикорупциски суд

Ирачкиот премиер Адел Абдел Махди поднел до парламентот писмо со оставка во саботата пренесува Sky News Arabia, по седмиците крвави протести ширум земјата со стотици жртви.

За намерите на Адел Абдел Махди да се повлече од премиерската должност, ирачките медиуми пишуваа уште кон крајот на октомври.

Во петокот Махди изјави дека ја слушнал пораката од Врховната религиозна марџалија (верска истанца во шиитскиот ислам кој е доминатнен во Ирак), за тешките услови во земјата и неможноста на надлежните институции да се справат со ситуацијата, и оти ќе побара од парламентот да го разреши од функцијата.

Малку подоцна во саботата по објавата за оставката на Махди, неговиот портпарол, Саад ал-Хадиси, за медиумите изјавил дека ирачките власти формирале суд кој ќе ја истражува раширената корупција во земјата.

„Формиран е централен суд кој ќе се специјализира за кривични дела поврзани со корупција. Судот ќе носи решенија за ирачки функционери кои се обвинети за вмешаност во случаи на корупција. Тој веќе донесе одлуки за одземање на средствата кои им припаѓаат на обвинети за корупција“, изјавил ал-Хадиси пренесува телевизијата Аl Аrabiya.

Претходно судот во Ирак одреди притвор за поранешните гувернери на провинциите Салај ал-Дин и Бабел (Вавилон) под сомнение дека примале мито. Покрај тоа, управата за контрола на транспарентноста објави дека издала 60 решенија за приведување на пратеници и локални функционери и службеници осомничени за корупција.

Од почетокот на октомври во Ирак секојдневно се случуваат масовни протести на кои демонстрантите бараат оставка од владата, почнување вистинска борба против корупцијата и подобри животни услови. Според медиумските извештаи, во овие протести кои прераснуваа честопати во насилства и жестоки судири со полицијата досега загинале повеќе од 300 луѓе, а повредени се околу 15 илјади.