
Со иницијатива до Владата, најголемата опозициска партија бара во најскоро време до Законодавниот дом да се достави Законот за ратификација на Северно-атланскиот договор и на Пристапниот протокол за членство во НАТО. ВМРО-ДПМНЕ предлогот на нивниот лидер, да се изгласа ратификацијата со одложено дејство, по примерот на Црна Гора, го преточи во иницијатива. Со ваквиот чекор според ВМРО-ДПМНЕ треба да се запре евентуално одложување на предвремените парламентари избори.
„Ваквата постапка е пракса која што во Северно-атланската Алијанса е воведена при зачленувањето на Црна Гора во НАТО. Тогаш во април 2017 година, Парламентот во Подгорица предвремено ги ратификуваше овие документи, а ратификацијата на протоколот за пристапување на Црна Гора во НАТО од страна на Холандија и Шпанија се случи еден месец подоцна во мај 2017 година.“ – изјави Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
На иста бранова должина со најголемата опозициска партија од македонскиот блок е и Алијансата за Албанците. Според претседател на партијата, Зијадин Села – ратификацијата треба да се најде на дневен ред на следната собраниска седница на 11 декември. Според власта, пак лицемерно е однесувањето на опозицијата. Од СДСМ велат се против предвремена ратификација, и уште еднаш повторуваат оти се убедени дека шпанскиот парламент ќе успее да го ратификува протоколот навреме.
За предвремената ратификација на Протоколот ќе одлучува Владата. Собранискиот спикер Талат Џафери веднаш ќе ја препрати до Владата. Вели Владата, а не Собранието е надлежна за постапување по иницијативата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Шефот на државата пак, Стево Пендаровски, во интервју на ТВ24 вчера изјави дека протоколот за членство во НАТО нашите пратеници може да го ратификуваат и по изборите. Досега Протколот беше ратификуван од 28-земји членки – за Македонија да стане полноправна членка на Алијансата зелено светло се чека уште од Шпанија.
По изборите во ноември, шпанските пратеници вчера се вратија во Парламентот, но и понатаму е неизвесно кога ќе биде формирана новата Влада.