Почнува кампања за здравјето на животните и безбедноста на храната

Агенцијата за храна и ветеринарство заедно со надлежните тела за фитосанитарна политика на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, почнаа активности за проектот „Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи“ со што и официјално ќе почне кампањата за одговорно сопствеништво и намалување на бројот на бездомни кучиња.

Станува збор за ИПА проект чија цел е заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата во насока на подобрување на конкурентноста на македонските земјоделско – прехранбени производи на европскиот и светскиот пазар. Со проектот ќе се зајакнат и постоечките системи на надлежните институции.

Кампањата, пак, за одговорно сопствеништво треба да ја подигне јавната свест за благосостојбата на животните, со акцент на стерилизацијата и микрочипирањето на домашни миленици, како една од мерките за спречување на зголемувањето на бројот на кучиња скитници.

Носител на проектот вреден 1,6 милиони евра е Агенцијата за храна и ветеринарство, а во реализацијата ќе бидат вклучени Министерството за земјоделство, Фитосанитарната управа, Управата за семе и саден материјал, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство.

Проектот треба да се реализира до декември 2020 година.