Британската служба за кибернетичка безбедност истражува дали тајните документи за британско-американските трговски преговори, кои се појавија во јавноста во четвртокот, нецела седмица пред предвремените парламентарни избори на 12-ти декември, биле украдени со хакирање или протекле, откриле два извора за Reuters.
Покрај загриженоста за наводното меѓање на Русија во британските избори, објавувањето на доверливите документи го отворија прашањето за безбедноста на преговорите меѓу САД и Велика Британија.
Опозициските лабуристи ги искористија документите за да ги обвинат конзервативците на премиерот Борис Џонсон, тврдејќи дека тие покажуваат оти Конзервативната партија планира продажба на делови од државната здравствена служба NHS на американски корпорации.
Џонсон повеќепати ги отфрли овие тврдења, а американскиот претседател Доналд Трамп во јули рече дека NHS не е тема на преговорите, а минатата седмица истакна дека не бил бил заинтересиран за споменатиот систем, па дури и да му е понуден на „сребрен послужавник“.
Британскиот Национален центар за кибернетичка безбеднсот, оддел на разузнавачката агенција GCHQ, ѝ помага на владата во истрагата за тоа како документите доспеале во јавноста. Засега од таму официјално одбиваат да ја коментираат истрагата. Два извора, меѓутоа, откриле дека истрагата се обидува да утврди дали документите се хакирани.
„Постојат јасни показатели дека зад ова стои нешто повеќе од негрижа или огорчен поединец“, изјавил еден од соговорниците на Reuters кои зборувале под услов да останат анонимни. Трет извор рекол дека се истражува и дали документите протекле од територијата на Обединетото Кралство.
Агенцијата Reuters на 2-ри декември објави дека начинот на кој споменатите документи се објавен, на социјалната мрежа Reddit, и на кој начин се раширени на интернет, наликува на кампањата за дезинформирање која наводно беше откриена претходно годинава. Од Reddit во петокот објавија дека истекуивањетто е поврзано со наводната „мината руска дезинформациска кампања“.
Москва ги отфрли ваквите наводи без понудени докази, истакнувајќи дека Западот сопствените проблеми настојува да ги оправда со антируска хистерија.