Активистите алармираат дека новиот закон за легализација на дивоградби не го опфаќа охридско–струшкиот регион заштитен со УНЕСКО

Невладините организации од Охрид  и локалната власт бараат одговори  од Владата врз основa на кој закон ќе се решаваат веќе поднесените барања за легализација на бесправно изградените објекти во охридскиот регион – дали врз основа на постоечкиот или новиот, кој е во фаза на носење.

Изземањето на охридскиот регион од новиот Закон за легализација е погубно за граѓаните реагираат од невладината „Охрид СОС“ во пресрет на утрешното разледување на предлог законот во Собранието.

Според активистите, доколку Министерство за транспорт и врски предложи носење на законот по итна постапка во Собранието, со тоа ќе го прекрши членот 170 од Деловникот, имајќи ја предвид комплексноста на законот и последиците кои би можеле да произлезат од неговото спроведување.

„Ако овој закон нема да важи за охридскиот регион, тогаш кој закон ќе важи? Како ќе се третираат новоподнесените барања за легализација во охридскиот регион од 1 јануари 2019 имајќи предвид дека со актуелниот закон се опфатени само барањата до 31 декември 2018? Охридскиот УНЕСКО регион се протега на територија на три општини, но не ги зафаќа во целост. Како ќе се регулира легализацијата во овие општини во деловите надвор од УНЕСКО регионот без да настане хаос поради грешки и/или манипулации?“ – прашуваат од „Охрид СОС“.

 Охридскиот градоначалник вели дека новиот закон за легализација на дивоградбите, со кој се предвидува да не биде опфатен охридско-струшкиот регион е дискриминирачки за неговите сограѓани.

„Може е дискриминирачки за граѓаните кои живеат на овој посед, заштитен од УНЕСКО, и со сите оние урбанистички проблеми кои ние ги имаме, дека е  во однос на другите граѓани дискриминирачки. Ставот е поделен во однос на носење на тој закон и од страна на градоначалниците во ЗЕЛС, па ќе видиме каква ќе биде судбината на тој закон. Во тој предлог закон во став 4 е предвидено сите бесправно изградени објекти во Охридско струшкиот регион во границите на УНЕСКО, целиот тој регион да биде изземен од тој закон“, вели Константин Ѓеорѓиески-градоначалник на Охрид.

И од еколошкото движење Охрид СОС прашуваат кој закон ќе важи за  охридскиот регион, ако не е опфатен со новиот што се подготвува.

„Како ќе се третираат новоподнесените барања за легализација во Охридскиот Регион од 01.01.2019 година имајќи предвид дека со актуелниот закон се опфатени само барањата до 31.12.2018 година. Охридскиот УНЕСКО регион се протега на територија на три општини, но не ги зафаќа во целост. Како ќе се регулира легализацијата во овие општини во деловите надвор од УНЕСКО регионот без да настане хаос поради грешки и или манипулации“, реагираат од движењето „Охрид СОС“.

Во Охрид според регистарот на дивоградби има 1076 нелегални градби од кои 409 се во заштитениот појас, додека во Струга,3330. Министерот за транспорт Горан Сугарески веќе изјави дека по сите критики од УНЕСКО, не смее да се дозволи повеќе да се случуваат такви работи и затоа овој дел од државата ќе биде изземен. Со предлог законот се предвидува легализација на дивоградбите кои биле бесправно изградени до 1 октомври 2019, но  сега наместо 1 евро по метар квадратен за легализација, ќе се наплаќаат 100% за комуналии и дополнителни 50 отсто казна поради незаконското градење.