Неколку часа пред започнувањето на гласањето на изборите кои се сметаат за пресудни за излегувањето на Велика Британија од Европската унија, конзервативниот премиер Борис Џонсон и неговиот лабуристички ривал Џереми Корбин ги открија во средата своите последни адути за да победат на изборите.
На крајот од кампањата во која печеше крофни, менуваше тркала на формула 1 и со булдожер уриваше ѕид од картон како симбол на кризата во врска со брегзитот, конзервативниот премиер Борис Џонсон го започна денот делејќи шишиња со млеко во Гујсели во грофовијата Јоркшир на северот од Англија, изненадувајќи ја двојката која му ја отвори вратата.
Потоа Џонсон подготвуваше пита со говедско и со пиво, којашто ја спореди со договорот со брегзитот постигна со Европската унија кој не беше изгласан во парламентот, бидејќи неговите конзервативци немаа мнозинство, Доколку победи, Џонсон има намера „да го подгрее“ текстот и повторни „да им го послужи“ на пратениците. „Го ставаме во рерна, ја затвораме вратата, го вадиме и еве, Брегзитот е готов!“, рече Борис Џонсон.
Поранешниот градоначланик на Лондн, кој кон крајот на јули дојде на премиерската должност со ветувањето дека ќе го заврши процесот на излегувањето на земјата од ЕУ, своите последни предизборни собири ги одржа на северот и во централна Англија и во Велс, со области кои традиционално се наклонети на Лабуристичка партија, но и на Брегзитот.
Неговиот лабуристички ривал Џереми Корбин пред мугрите ги собра своите приврзаници во шкотскиот град Глазгов, каде што се надева дека ќе ги победи кандидатите на независната Шкотска национална партија (SNP). Им вети на гласачите „надеж“ и „сигурност“, и го нападна Џонсон поради неискреноста, обвинувајќи го дека „дава ветувања кои утрешнината ја претвораат во илузија“.
Соочен со последниот подем на лабуристите во анкетите, на Џонсон му се заканува можноста да не добие мнозинство во парламентот, со што ќе се продолжи политичката криза. „Ќе се бориме за секој глас“, истакна Џонсон во средата.
Според последните анкети на институтот YouGov, Конзервативната партија води и би освоила 339 од 650-те пратенички места. Тоа е 20 пратеници помалку отколку во претходните проекции на овој институ објавени на 28-ми ноември, но 22 пратеници повеќе во однос на изборите во 2017 година.
Институтот наведува дека таквиот резултат би бил „најголемиот успех на конзервативците од 1987 година“ во времето на мандатот на легендарната премиерка Маргарет Тачер. Но маргината на можната грешка, влијанието на евентуалното прагматично гласање и најновиот тренд во полза на Лабуристичката партија можеби би можело да доведат до парламент без мнозинство.
И конзервативците и лабуристите ветуваат радикални промени. Џонсон се обврза дека до крајот на јануари, по трите одложувања, ќе ја изведе Британија од ЕУ.
Џереми Корбин, пак, ветува „зелена индустриска револуција“ и милијарди фунти за јавните служби, во прв ред за здравството, кое трпи последици од повеќегодишното буџетско штедење. Корбин има намера да организира нов референдум за Брегзитот, но како поранешен голем евроскептик наводно зазема „неутрален“ став, па е критикуван поради недовлна јасност по ова прашање.