Во Канада извлечен џекпотот од речиси 7 милиони долари

Добитникот на џекпотот на националната канадска лотарија „6 од 49“ ќе подигне износ од 9 милиони канадски долари, односно 6,8 милиони американски долари, соопштија во неделата претставниците на компанијата OLG, која ја организира играта на среќа.

„Добитната комбинација е 9, 12, 17, 23, 41 и 44. Бонус бројката е 3“, прецизираа организаторите. Засега е познато само дека победникот е жител на франкофонската канадска провинција Квебек.

Покрај тоа, освоена е и ткн утешна награда во износ од милион канадски долари, или 760.000 американски долари, а победничката комбинација е уплатена во провинцијата Онтарио.

Според правилата на играта „6 од 49“, за да се подигне наградата победничкиот лоз треба да им се приложи на организаторите, а името на добитникот мора да биде јавно објавено. Играта е започната во 1982 година и со текот на времето стана првата национална лотарија во Канада, во која играчите можат самите да ги избираат бројките.