
Временските непогоди коишто од петокот ја погодија Франција ја однесоа и третата жртва, објавија тамошните власти во неделата откако во автомобил во поплавена област е најдено телото на четириесетгодишен маж по кој се трагаше од петокот.
„Неговата смрт е поврзана со временските непогоди“, изјави Лорен Бидол, заменик на државниот обвинител во југозападната француска општина Даксу. Мажот е најден попладнето во неделата во близина на надојдената река Адур, 25 километри источно од градот.
Претходно беше објавено дека две лица загинале од петокот, а пет се повредени при удари во стебла коишто силните ветришта ги собориле на патиштата или во поплавите во југозападна Франција. Во четири департмани во оваа област сѐ уште на сила е „портокаловиот метео-аларм“. Покрај поплавите во многу департмани, од Нормандија на северозападот до Корзика на југот, дуваше и силен ветер.
Поради силните налети на ветрот околу 25.000 домаќинства останаа во саботата без снабдување со електрична енергија во покраините Нова Аквитанија, Окситанија и Нормандија.