Ердоган потврди дека базата Инџирлик може да биде затворена за САД

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган потврди и во неделата дека Анкара може да ја затвори воздухопловната база Инџирлик за САД, доколку Вашингтон реши да воведе санкции против Турција.

„Ние имаме право на носење одлука за затворање (за САД) на базата Инџирлик. Доколку тоа биде неопходно да се стори, ќе ги затвориме и Инџирлик и Куреџик“, изјави турскиот челник во програмата на телевизијата А Haber.

Во воената база Куреџик се распоредени елементи на европскиот систем за противракетна одбрана.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлу Чавушоглу во средата предупреди на подготвеноста на Анкара да го преиспита ставот за затворање на базата Инџирлик за американските трупи, доколку САД воведат санкции против Турција поради нејзината набавка на напредните противвоздушни ракетни системи „С-400“ од Русија.

Ова не е првпат во Турција да се зборува за веројатноста за затворањето на споменатата воздухопловна база за американската војска. Вообичаено ваквата реторика на Анкара следува по закани од Вашингтон, но досега не се преземени конкретни чекори во таа насока.

Најновата причина за ваквите реакции на Турција е тоа што во американскиот Конгрес во текот на формирањето на одбранбениот буџет за фискалната 2020 година, беше постигната согласност меѓу демократите и републиканците во ставот дека набавката од страна на Анкара на системите „С-400“ потпаѓа под одредбите од законот „За борба против руското влијание во Европа и Евроазија“, кој предвидува санкции против одредени земји од страна на американскиот претседател.

Со овој закон, пратениците му овозможуваат на Пентагон да „потроши до 30 милиони американски долари за стационирање на шест турски (борбени авиони од типот) F-35, кои претходно беа користени за обука на турски пилоти“ во американската воздухопловна база, пред Анкара да биде искчлучена од оваа програма, во којашто се јавува и како инвеститори и произведувач и како купувач, поради набавката на руските „С-400“, кои според САД може да бидат опасност за авијациите на сојузниците во НАТО.