Поранешниот аргентински полицаец Марио Сандовал, кого во татковината во времето на воената диктатура го нарекувале „касапот“, Франција во неделата го екстрадираше во Аргентина каде што треба да му се суди под обвинение дека е вмешан во исчезнувањето на студент во 1976 година.
Агенцијата AFP ја пренесе веста ноќта кон понеделникот, повикувајќи се на добро информиран извор и од извори од парискиот аеродром.
По осумгодишната судска постапка и исцрпуањето на последните жалби претходно минатата седмица, француско-аргентинскиот државјанин Марио Сандовал во неделата вечерта со летот на „Air France“ е испратен за Буенос Аирес.
Сандовал од 1985 година е во егзил во Франција, со чиешто државјанство се стекнал, а беше уапсен минатата среда во неговиот дом во Ноген-сур-Марн во близина на Париз. Државниот совет, највисокото правосудсно тело во Франција, во средата конечно ја потврди одлуката за негово екстрадирање донесена на 21-ви август 2018 година.
Аргентиското правосудство го бара Марио Сандовал од 2012 година, поради сомневања дека учествувал во повеќе од 500 убиства, измачувања и грабнување во периодот на воената диктатура од 1976 до 1983 година. Меѓутоа, неговата екстрадиција беше барана само за случајот на студентот Ернан Абриата, бидејќи за тој предмет судот располага со десетици изјави на сведоци.
Марио Сандовал француското државјанство го добил во 1997 година, што не го попречува неговото предавање бидејќи во време на сторувањето на кривичните дела за кои се гони не бил француски државјанин.