Над 2.500 барања за субвенции за сончеви колектори

До Министерството за економија пристигнати се над 2.500 барања за надоместувањето на дел од трошоците за купени и вградени сончеви колекторски системи во домаќинствата.

Огласот беше објавен на 24 јануари 2014 година, а краен рок за доставување на барањата беше 31 мај 2014 година.

Од Министерството за економија посочуваат дека ќе бидат земени предвид и сите барања кои ќе пристигнат во наредните денови, а се испратени по пошта до крајниот рок за аплицирање.

Јавното извлекување на лицата кои ќе добијат надомест на дел од трошоците направени за купен и вграден соларен колектор ќе биде на 7 јуни во  просториите на Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменска сала Борис Трајковски ДООЕЛ, со почеток во 10 часот.

Целта на оваа мерка, за која се предвидени шест милиони денари, е стимулирање на  користењето на сончевата енергија во Република Македонија.