
Средношколци од Скопје и од други градови во земјава се мобилизираат за бојкот на наставата во средните училишта во петок, во знак на протест поради загадувањето на воздухот. Тие се организираат преку социјалните мрежи и најавуваат приклучување кон протестот против аерозагадувањето наречен „Зелена револуција’, што ќе се одржи и овој петок, во организација на повеќе НВО.
„Средношколци, родители, професори, секоја наредна година, секој нареден ден, станува се полошо. Ние, средношколците, сме крајно изреволтирани од непреземањето ништо, лежерноста на власта и немањето идеја како да се реши овој најголем проблем. Затоа, во петок, на 20.12.2019. ние, средношколците, нема да присуствуваме на настава во сите средни училишта. Целта на ова е власта и сите општествен фактор да се фокусираат на овој проблем, а по бојкотот ќе се приклучиме на Зелениот фронт и нивните барања, кои се единствено решение за оваа неподнослива ситуација. За нашите животи се работи“, се наведува во најавата за бојкотот на наставата на организацијата „Средношколски глас“