Премиерот Зоран Заев ги повикува албанските политички партии да објаснат зошто се противат на Балканскиот мини-шенген. Заев дури нагласува дека не е должен да се консултира со политичките партии за вакви прашања инсистирајќи дека иницијативата е добра и ќе го подобри животот на граѓаните.
За ДУИ, иницијативата би била прифатлива само доколку учествуваат сите шест држави во регионот, а на средбите да присуствувата и претставници на ЕУ и САД. Според Алтернатива, меѓунационалната интеграција е потребна пред интеграцијата на Балканот, а регионалната иницијатива без Косово нема никаква смисла. Алијансата за Албанците смета дека секоја регионална иницијатива минува низ Косово, но стравува дека преку оваа иницијатива, која ја вклучува и Србија, може да се продлабочи руското влијание во регионот. Според Движењето Беса, неинклузивниот пристап е неправеден и не гарантира трајност. Третата средба на процесот се одржа во саботата во Тирана меѓу премиерите Еди Рама и Зоран Заев, како и претседателите на Црна Гора и Србија, Мило Ѓукановиќ и Александар Вучиќ. За мини-шенген ЕУ ветува 1,2 милијарди евра за разни проекти.