
Ед Ширан, кој стана артист на деценијата во Велика Британија според верзијата на Official Charts, ќе направи пауза во својата кариера, за да се одмори по трите години непрекината работа и ќе се посвети на патешествија, читање и творештво, објави британскиот музичар на својата страница на Instagram.
Како што истакнува Ширан, почнувајќи од 2017 година, кога го лансираше албумот „Divide“, тој практично работел речиси без никаков прекин.
„Затоа сега едноставно ќе земам оддишка, за да патувам, пишувам и читам. Нема да ме има на социјалните мрежи сѐ додека не дојде времето да се вратам“, порача музичарот.
Ширан не посочува колку долго има намера да се одмора, истакнувајќи само дека „ќе се видиме, кога ќе се видиме“. Дваесет и осумгодишниот музичар им ветува притоа на своите поклоници дека ќе се врати кога затоа ќе дојде времето.
Ед Ширан е еден од најуспешните комерцијални артисти на денешницата. Првпат светската јавност го запозна во 2011 година по издавањето на синглот „The A Team“. Албумите кои следеа потоа се искачуваа на првите места на британската топ-листа, а последниот, кој се појави во 2017 година, исто така се најде на врвот и на американската топ-листа. Во моментов тој има продадени повеќе од 15,5 милиони примероци од своите албуми, на кои се хитовите како „Shape Of You“, „Castle on the Hill“, „Perfect“…
Кон крајот на 2017 година, Ед Ширан стана носител на Орденот на Британската империја за својот придонес во музиката и хуманитарните активности. Во текот на кариерата тој четири пати ја добиваше престижната музичка награда Греми, четири пати наградата што го носи името на Ајвор Новело (еден од најпопуларните британски изведувачи од првата половина на XX век), пет пати на признанието Brit Awards, шест пати на Billboard Awards и многу други.