
Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека нема никакви препреки сите процедури околу изборот на новата техничка влада да завршат на 3 јануари, од оставката на премиерот Зоран Заев, назначување на мандатар од претседателот Стево Пендаровски, до изборот на техничката влада во Парламентот.
Џафери вечерва во интервју за Вин-Вин на ТВ Телма истакна дека тој отсекогаш се залагал за координација и непречена комуникација меѓу носителите на власта со цел непречено да се одвиваат процесите во државата.
Тој истакна дека утре по седниците на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ ќе се знае името на техничкиот премиер, а исто така и кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ.
-Утре сите ќе осознаеме дека носител на функцијата премиер по состанокот на СДСМ ќе биде назначеното лице, потоа и од ВМРО-ДПМНЕ по соодветниот состанок ќе ги осознаеме имињата на кандидатите за министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, рече Џафери.
В сабота се предвидени средби Заев-Мицкоски и Мицкоски-Ахмети, а Џафери смета дека од процедурален аспект за Собранието не е никаков проблем да ја изгласа техничката влада на 3 јануари.
-Од процедурален аспект за Собранието не е никаков проблем, кој со кого, каде и кога ќе се сретне. Тоа функционира по соодветни прописи според Деловникот, од моментот кога ќе добие официјална информација и кога и да се случи тоа нема пречка, не случајно Собранието е дефинирано дека е во постојано заседание. И сега додека сум овде со една СМС-порака може да свикам седница, рече Џафери.