Царинските службеници вчера запленија 15 килограми марихуана на граничниот премин Блаце, во возило марка „Волво“, управувано од албански државјанин.
При извршен преглед на возилото, во празниот фабрички простор на предниот и задниот браник, во фабричките шуплина под предните светла и во преправени фабрички шуплини во левото и десното подкрило, царинските службеници пронајдоа вкупно 25 пакетчиња со марихуана .
Лицето и дрогата се предадени на царинските инспектори од Одделението за истраги за понатамошна истрага. Од спроведената предистражна постапка произлегува дека осомничениот порачката ја добил пред еден месец од лице од српска националност кој подолго време живее и работи на Сицилија. Договорот бил, за паричен надомест да ја пренесе марихуана во Србија а на граничниот премин од српска страна требало да го чекаат лица кои ќе го препознаат по неговата регистарска таблица.
Осомничениот, од непознато лице во село Лазарет купил марихуана во рефусна состојба и истата во неговиот дом во Тирана ја пресувал и ја спакувал во вкупно 25 пакувања кои потоа сам ги сокрил во возилото.
Во неделата, околу 19 часот, тргнал од Тирана и влегол во Косово, се упатил кон граничниот премин на излез од Косово и влез во Србија каде српските царински служби не му дозволиле да влезе во Србија. Потоа се вратил назад и се’ до вчера до 10 часот спиел во неговото возило.
Некаде околу 13 часот се пријавил на влез во македонија, на граничниот премин Блаце, каде што бил откриен од царинските службеници.
Вредноста на запленетата марихуана на црниот нарко пазар доколку би се продавала на големо би достигнала вредност од околу 45.000 евра.
Против осомничениот е поднесена кривична пријава за основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“.