Мицкоски: Заев не може да биде реформатор со таква криминална концесија зад себе

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва беше гостин во новогодишното интервју на МРТ.

Тој посочи дека Заев не може да биде реформатор бидејќи има криминална концесија.

-Не може човек кој има криминална концесија од минатото, да биде реформатор. Можам јас да бидам, кој што немам, може да биде друг човек кој нема. Не може човек кој длабоко бил заплеткан во криминални скандали, дали тоа било Глобал или Пуч, поткуп, небитно, тој човек не може да биде реформатор. Тоа е невозможно. Реформатор може да биде човек кој што секогаш е од страната на законот. Јас се обврзувам, чувајте ја оваа емисија, доколку видите трета бледа копија на она Сваровски или ова Луи Витон судство, подготвен сум да дадам оставка и да кажам дека не успеав во мојата прва заложба да обезбедам правда, независност и на правосудството и на судството“, рече тој.

Мицкоски се обврза пред граѓаните дека реформите во судството се еден од историските моменти кои ќе ги направи.

Изјавите на Али Ахмети дека услов за коалиција со ДУИ е почитувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не се причина за стравување бидејќи, според него, таа претставува политички предизборен маневар.

„Априори не се дефинираат условите за коалицирање. Можеби тој нема да биде политичката опција која што ќе биде во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што ние нема да можеме да најдеме допирна точка по други прашања“, вели Мицкоски.
Во однос на постизборната коалиција со некоја од албанските партии во Македонија, Мицкоски потенцира дека компатибилноста на програмите ќе биде пресудна за тоа со кого ВМРО-ДПМНЕ ќе коалицира по победата. Според него клучно е партијата со која ќе коалицира ВМРО-ДПМНЕ да се залага за  бескомпромисна битка со криминалот и корупцијата, почитување на законите и Уставот на државата се разбира, интензивна и пеколна работа за обнова на Македонија.
„Апсолутно нашиот став е дека програма со програма ќе коалицираат после овие предвремени парламентарни избори и ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, ќе освои најголем број на пратеници и тоа убедливо ќе победи. И тука пак нема никаква дилема или пак некогаш сум имал дилема и како што ја започнавме нашата емисија, ниту пак некој во македонската јавност има дилема за победата на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе правиме коалиција со оној политички субјект каде што ќе се доближиме со позициите и тоа бескомпромисна битка со криминалот и корупцијата, почитување на законите и Уставот на државата се разбира, интензивна, пеколна работа со многу залагање, со многу сопствена енергија потрошена за обнова на државата, затоа што овие информации кои што ние ги имаме навистина се катаклизмички, на нивото на кое што сега се наоѓаат институциите, додаде тој.