
„Државата целиот овој период наназад од осамостојувањето, не успеа да ја стави економијата пред политиката. Сите други проблеми во државата имаат приоритет пред бизнисот. Изградба на селски патишта, нови наплатни рампи, инвестирање во локални стратегии без перспектива. Македонскиот стопанственик не се цени, буџетските средства се користат нерационално, недомаќински. Најголемо промашување е образованието. Недостатокот на работна сила каква што му е потребна на бизнис-секторот станува сѐ поизразен проблем, кој мора да се решава и со краткорочни и со долгорочни мерки, а дел од нив се однесуваат на реформи во образовниот систем, пред сѐ, во делот на обезбедување пофункционално средно стручно образование со примена на дуалните принципи на образование, како и спречување на масовната миграција на младото работоспособно население“, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во интервју за „Фактор“.
Додава дека поради погрешните политики во образованието во изминатите децении сега плаќаме за сите грешки. „Нужно е образованието да биде во врвот на приоритетите, но не само да зборуваме, туку и да се делува. Секако тука се и серија конкретни предлози што Стопанската комора на Македонија ги има доставено во форма на иницијативи до Владата. Поминаа 5 години од неприфаќањето на Иницијативата за законско нормирање на холдингот, како основа за натамошни измени во даночната регулатива, што беше предложено согласно потребите на бизнисмените кои имаат желба да ги направат уште поуспешни и потранспарентни своите бизниси, да овозможат повеќе вработувања во своите поврзани субјекти, повеќе инвестиции, развој, иновации и проширување на дејностите, а за сметка на тоа да добијат и определени даночни олеснувања кои ќе го поттикнат нивното натамошно успешно дејствување. Потребен е активен јавно-приватен дијалог и пофункционален регистар на прописи (ЕНЕР) во кој се следи донесувањето на прописите и учеството на засегнатите страни во целиот процес; Иницијатива за измеување и дополнување на Законот за извршување и Законот за нотаријат“, вели Азески.
Според него, има решение, а тоа е подобрување на комуникацијата меѓу бизнисот и судството, но не во насока на било какво влијание врз слободната оцена на доказите или врз слободното судиско уверување и одлучување во трговските спорови каде што странки се компаниите. „Туку во насока на подигнување на свеста кај сите учесници, па и кај судиите, обвинителите, нотарите и извршителите, дека е добро судските постапки да траат пократко; дека е добро донесените пресуди да се спроведуваат без било какви правни пречки; дека е добро да има што помалку дискрециони овластувања; дека е добро да имаме јасни и прецизни правила на постапките (судски, извршни, постапки пред нотар); дека е добро да ја знаеме судската пракса и ако имаме интерес за тоа, да ја најдеме средена и систематизирана на едно место. Да имаме што помалку правни празнини, а што повеќе да го практикуваме она што често милуваме да го кажеме – владеење на правото и правна држава“, посочува Азески.