Луксембург ќе биде прва земја во светот со бесплатен јавен превоз

Луксембург од први март 2020 година ќе стане првата земја во светот во која јавниот превоз ќе биде бесплатен. Властите на Луксембург се надеваат дека на овој начин ќе придонесат за намалување на бројот на автомобили на патиштата во таа земја, во рамки на долгорочниот план за намалување на емисиите на штетни гасови.

„Бројот на луѓе кои го користат јавниот превоз сè уште не е на нивото кое ние одамна го посакуваме, така што добивме идеја тој да биде бесплатен. Се надеваме дека тоа ќе биде една од причините луѓето почесто да го користат јавниот превоз”, изјавила Лидија Полфер, градоначалничката на Луксембург.

Автобускиот превоз во оваа земја досега бил бесплатен во сабота и во други посебно одредени денови. Од први март, бесплатниот превоз ќе ги опфати сите градски и приградски автобуски линии, како и градскиот трамвај и железницата на територијата на Луксембург.

Властите на Луксембург исто така донеле одлука до крајот на 2020 година, целиот автобуски превоз во земјата да биде на електричен погон за да се намали загадувањето на воздухот. Од овој долго најавуван потег ќе профитираат жителите, но и туристите и околу 200.000 работници од Франција, Белгија и Германија кои секојдневно доаѓаат да работат во оваа земја.