Претседателот на Косово Хашим Тачи се очекува денеска да му го додели мандатот за формирање на новата косовска влада на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, откако неговата партија победи на октомвриските парламентарни избори во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Информацијата дека денешната средба, закажана за во 15 часот, ќе се одржи, вчера ја потврдија и кабинетот на Тачи и партијата на Курти.
Претходно, на 27 декември, ден по конституирањето на новото Собрание на Косово, Курти ги одби двете покани на Тачи – едната за во 13.30 и втората за во 20 часот, со формално образложение дека има „други обврски“.
Согласно косовските закони, откако ќе го добие мандатот, мандатарот има рок од 15 дена да му го предложи на Собранието составот на владиниот кабинет. Доколку тој не успее да го обезбеди потребното парламентарно мнозинство, претседателот, согласно Уставот, треба да го понуди мандатот на лидерот на второрангираната партија на изборите, а доколку и тој не успее да формира влада земјата оди на предвремени избори.
Новата влада на Косово се очекува да ја формираат ВВ и второрангираната партија на вонредните избори одржани на 6 октомври, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на чие чело е Иса Мустафа.
Двете досега опозициски партии ги започнаа преговорите за заедничка влада веднаш по објавувањето на првичните резултати од гласањето, но тие запнаа откако партијата на Мустафа како услов го постави добивањето на местото на претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му истече мандатот на актуеллниот претседател Хашим Тачи. Партијата на Курти го одби овој услов, барајќи за тоа прашање да се разговара кога ќе дојде време да се избира новиот претседател.
Работните групи на ВВ и ЛДК пред да настапи застојот ја договорија програмата на идната влада, како и поделбата на ресори во идниот кабинет на Курти, кој ќе има 12 министерства, од кои едно ќе им припадне на претставниците на српската и една но шесте други малцински етнички заедници, а по пет на двата главни коалициски партнери.