Во Осло во 2019 година нула смртни случаи на пешаци и на велосипедисти

Властите на Осло информираат дека на патиштата на главниот град на Норвешка во изминатата 2019 година не е регистриран ниту еден смртен случај на пешак и велосипедист.

Градот со популација од 673.000 жители, драстично го намали вкупниот број жртви во сообраќајни несреќи, па така во 2019 имало само еден смртен случај со возило, за разлика од пример 1975, кога биле евидентирани 41 такви несреќи.

Сега, Осло ја помина годината без загинат пешак и велосипедист и речиси ја остварува таканаречената „визија нула“ за жртви во сообраќајот.

Ова се должи, пред се’, на се помалиот број на возила во градот. Исто така, уличните паркинг места се заменети со велосипедски патеки и тротоари. Влезот во центарот се наплаќа и со тоа се дестимулира возење кола, а освен пристап за возила, намалена е и брзината за движење, што придонело за намалување на смртните случаи.

Исто така, 2019 е прва година после Втора светска војна кога има нула загинати деца во цела Норвешка.

За разлика на пример од САД каде сообраќајот е водечка причина за смртност кај деца и секоја година 4.000 деца се загинати во сообраќајните текови.

Во Македонија, тој број се движи меѓу 7 и 24 деца загинати во сообраќај годишно последниве 20 години.