Аферата „Глобал“ е класичен случај на изигрување на законите и противправно богатење, заштитено од политиката, преку овозможувањето на амнестија за сите инволвирани. Денеска „Глобал“ е легален трговски центар, за разлика од претходно кога беше дивоградба изградена противправно на државно земјиште и на дел од парцели кои биле предмет на денационализација.
Сопственици на „Глобал“ се фирми, капитално врзани со роднини на струмичкиот градоначалник Зоран Заев, а кои редовно добивале тендери од општината. Она што пред некој ден беше обелоденето е дека баратели на легализацијата на спорниот „Глобал“ се фирмите во сопственост на Горан Крстев и Бранко Стамболиски. Ова не се нови луѓе за македонската јавност. Горан Крстев освен тоа што го доби и „Глобал“ од општина Струмица, добил и 11 други тендери со милионска вредност.
Зоран Заев на семејната фирма на својот личен пријател и бизнис партнер на фамилијата Заеви, Горан Крстев, и’ обезбедил јавни набавки во вкупна вредност од повеќе до 1,6 милиони евра. Од нив, 8 се склучени директно со Општина Струмица, со која раководи токму Зоран Заев, а се со вредност од 83.322.641 денари. Останатите 3, пак, се склучени со Јавното претпријатие Комуналец Струмица, а се со вредност од 18.031.815 денари.
Сите овие пари и биле доделени на фирмата ЈАВоР ШПЕД ДООЕЛ преку 11 тендери, во време кога и Горан Крстев и неговиот татко Симеон Крстев, биле сопственици на оваа фирма.
Горан Крстев е бизнис партнер со Вице Заев и семејството Заеви преку фирмата САРА ЈАВОР ИНЖЕНЕРИНГ. Инаку Горан Крстев беше и во средиштето на аферата каде се откри дека Зоран Заев токму на овој човек му продал земјиште по цена од едно евро за метар квадратен, а овој истото го препродал по дури четири пати повисока цена. Исто така Горан Крстев е и човекот за чија фирма беше објавено дека Шилегов, како Претседател на второстепената комисија за јавни набавки во Владата во времето на СДСМ, одлучил да добие голем тендер токму неговата втора фирма ЈАВОР ШПЕД.
Во мрежата на Заев се испреплетуваат и други бизнис интереси. Мрежата на „Глобал“ ја надополнува праксата на Заев, а то е општина Струмица да доделува тендери на нему блиски бизнис пријатели. Па така, претходно беше објавено во медиумите дека во мозаикот за испумпување на пари од општината преку тендери се најдоа и семејната фирма на пратеничката Цветанка Иванова, која има добиено 48 јавни набавки со вкупна вредност од 20.111.810 денари од Општина Струмица и нејзините институции.
Фирмата на таткото и чичкото на лидерот на СДСМ, го добиле тендерот за набавка на прехрамбени производи и средства за хигиена. За јавните набавки, како што тврди власта, фамилијата Заеви добила повеќе од 3 милиони денари. И снаата на Заев добила тендер во Струмица.