Анѓушев пред заминување си ќари милионски тендер од Шекеринска

Бизнисменот Кочо Анѓушев ја напушти вицепремиерската фотелја во Владата и му се враќа на долгогодишниот бизнис со струја, „потежок“ за речиси 2 милиона евра. Три дена пред самото негово заминување, според податоците на Бирото за јавни набавки, поточно на 30 декември 2019 година, министерката за одбрана Радмила Шекеринска одлучи да го додели тендерот за едногодишна набавка на струја на Друштвото за трговија и услуги, Енерџи Деливери Солушн, ЕДС ДООЕл Скопје. Односно на фирма во сопственост на Кочо Анѓушев. Вредноста на тендерот е 1,6 милиони евра, а објаснувањето е дека таа фирма е избрана затоа што понудила најниска цена на струјата, за разлика од претходните 3 пријавени на тендерот.

Пред два дена, пак, истата фирма на Анѓушев, ЕДС, го доби и тендерот за набавка на струја на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, во вредност од 38 илјади евра.

Повеќе од сигурно е дека набавките на струја во интерес на фирмата на Анѓушев, нема да завршат тука, а сосема е извесно дека допрва уште државни фирми и министерства ќе имаат тендери за набавка на струја кои ќе ги добие иста фирма. Дали и колкав дел од од парите на сметката на Анѓушев ќе завршат и во касата на СДСМ, останува неизвесно.

Освен со последниот тендер за струја во вредност од 1,6 милиони евра, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во изминатиот период беше спомнувана медиумите во повеќе скандали со јавни тендери. На пример, оној за набавка на морски плодови и на апетисани за потребите на МО во вредност од 85 илјади евра, додека војниците чекаа нова опрема,. Доделениот грант од половина милион денари, преку МО, на невладината организација ,,Евроатлански совет на Македонија’’, каде членува  Шеќеринска. Потоа, грантот на МО за невладината „Мултикултура“ од Тетово од 400.000 денари за поддршка за интегративните процеси во ЕУ и НАТО и слично.

А, Анѓушев, кој се повлече од бизнисот со струја кога влезе во Владата, станува повторно бизнисмен и управител на компанијата Фероинвест, во која работат 10 други компании, меѓу кои и „Брако“. Тој своето повлекување од Владата го најави лани во ноември, по недобивањето на датум за преговори со ЕУ.
Антикорупциската комисија истиот тој месец покрена иницијатива против него за судир на интереси во носењето на владината одлука за укинување на царината за јон-литиумски акумулатори, од што директен интерес имала неговата фирма „Брако“. Но, Владата на чие чело беше Заев, оцени дека постапката на Антикорупциска е неоснована и дека нема повреда на Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Инаку, Феро Инвест е ко-сопственик на 8 компании кои управуваат со мали хидроелектрични централи, кои во земјава ги има 75 на број, а тие во просек остваруваат вкупен годишен приход од над 3,5 милиони евра и кумулативна добивка од над 300.000 евра. Анѓушев претхондо се жалеше дека неговите компании, кога тој влегол во Владата, имале намалени добивки за 50 отсто, бидејќи не учествувале на државни тендери, а тој не управува со нив. Дали?