Нана Кваку Бонсам, моментално најпознатиот гатач од Гана, ја презема одговорноста за последните повреди кои ги заработи најдобриот фудбалер на денешницата и најголема ѕвезда во репрезентативниот дрес на Португалија, Кристијано Роналдо.
Познат и како „Ѓаволот од среда“, за радиото „Ангел ФМ“ изјави дека работел на случајот Роналдо да не заигра во дуелот со репрезентацијата од неговата татковина.
„Позната ми е повредата на Роналдо, всушност јас ја предизвикав. Сериозен сум кога ви го кажувам ова. Минатата недела барав и најдов четири кучиња кои ми послужија во ритуалот таканаречен „Кавири Капам“. Пред четири недели реков дека ќе го онеспособам Роналдо да не игра на Светското првенство или барем за натпреварот со Гана. Оваа повреда не може да се лечи со модерната медицина, зашто е предизвикано преку духовен ритуал. Денеска тоа беше коленото, утре може да биде зглобот, а после три дена нешто сосема трето, изјави гатачот.
Португалија во првото коло ќе се соочи со Германија, во второто со Америка, додека во третото вкрстува со репрезентацијата на Гана, а тој натпревар ќе биде одигран на 26 јуни.