
Фирмата „Блацион”, стационирана во Софија, чиј управител е македонскиот државјанин Блаже Игнатовски увезла отпад од Италија кој пристигнал во бугарското пристаниште Варна, објави бугарската БТВ Новините.
Обвинителството во Варна покренало истрага за товарот по информациите за нарушување на редот за прекуграничен пренос на отпад. Според информациите на телевизијата, засега нема приведени лица.
Испраќач на товарот е фирмата „Дентиче Пантелоне” од италијанскиот град Авелино. Според информациите на Регистерот на компании во Бугарија, покрај Игнатовски, содружници во фирмата се македонскиот државјанин Горан Ангелов, кој е директор на депонијата „Дрисла“ и италијанските државјани Енцо Боче и Винченцо Трасари.
Надлежната обвинителка Невена Илиева посочи дека отпадот што стигнал во Варна се разликува од декларацијата во царинската документација. Имено, наместо пријавените пластични отпадоци и каучук, во балите имало различни други текстилни, стаклени и дрвени отпадоци.
Според описот во Регистарот е наведено собирање, третман и трговија со отпад од домаќинствата, а сега истражните органи проверуваат дали фирмата „Блацион” имала лиценца за преработка на отпад и дали содржината на 25-те контејнери е во согласност со дозволата.
Друг прекршок во врска со овој товар е што отпадот не е вакумиран и балиран, како што налага законот за прекуграничен пренос на отпад, пишува БТВ Новините.
Македонските сопственици ги демантираат наводите за отпадот во Бугарија. Од агенцијата МИА соопштија дека стапиле во контат со управителот на „Блацион“ ООД, Блаже Игнатов и содружникот Горан Ангелов, кој поседува 15 проценти од компанијата, како и Италијанците Винченцо Трасари и Ецио Боче.
Игнатов посочил дека отпадот од пристаништето во Бургас требало да биде пренесен во Термоцентралата „Бобов дол“, но откако пристигнал отпадот, на бугарската ТЕЦ и истекла лиценцата за горење на отпад. Според него станува збор за пластика и гуми и оти тоа што е пронајдено – текстил, дрво, стакло, како што посочија од бугарското Обвинителство, е дозволен отпад. Потенцираше дека тоа ќе го докажат и експертите откако ќе го испитаат отпадот.
Ангелов за МИА посочи дека не е вистина она што се наведува во бугарските медиуми и оти отпадот, доколку добие дозвола ќе се пренесе во ТЕЦ „Бобов дол“ или ќе се врати повторно во Италија.
На прашањето, како директор на Депонијата „Дрисла“, дали Компанијата „Блацион“ ДОО, некогаш има остварено соработка со Депонијата, Ангелов рече дека никогаш немаат остварено соработка.
Игнатов истакна дека во земјата никогаш не бил увезен каков било отпад, бидејќи нема дозволи за тоа и дека тоа го работеле само во соседна Бугарија.