ОБСЕ ќе мониторира судски процеси за висок криминал и корупција

Мисијата на ОБСЕ ќе ги мониторира судските случаи за сериозна корупција и висок криминал во земјава. Оваа произлегува од препорака на Европската Комисија дадена во 2018 година, а за 360 степени ја потврди амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.
“ЕУ односно ЕК реши да го финансира проектот кој ќе почне годинава и ќе трае околу 3 години. Проектот за целиот регион ќе чини 6 милиони евра. ОБСЕ ќе го имплементира, разговараме со ОБСЕ зашто тие имаат искуство во набљудувањето судски случаи, што значи дека ОБСЕ ќе биде партнерот што ќе го врши мониторингот”, вели Жбогар.

Амбасадорот не откри за  датумот на отпочнување на овој проект, но рече дека тоа зависи од договорот меѓу ОБСЕ и Европската Комисија која ќе го финансира мониторингот.

“Тоа се детали кои во моментот се договараат меѓу ЕК и ОБСЕ исто како и целиот процес и индикаторите кои ќе бидат важни во мониторингот на предметите и затоа не можам да ја споделам бројката на предмети што ќе бидат опфатени, но мислам дека ќе биде значителна. Проектот ќе почне годинава, но се уште не го знаеме датумот”, рече Жбогар за 360 степени.

За да помогне да се подобрат состојбите во овие области, првпат во февруари 2018 година, а потоа и во мај минатата година, Европската комисија препорача:

“Треба да се воведе мониторинг на судските процеси во областа на сериозната корупција и организираниот криминал”.

Според порталот, идејата на Европската комисија за мониторинг на експонираните судски процеси е логична последица на пристапот во кој поглавјата 23 и 24, кои ги опфаќаат владеењето на правото, независноста на судството и основните човекови права, се темели на преговорите за членство за секоја земја кандидат.