Светски прославениот бразилски писател Пауло Коелјо го уништил нацртот на детската книга на којашто работел заедно со трагично загинатата американска кошаркарска ѕвезда Коби Брајант.
Коелјо претходно во понеделникот изјави дека пишувал книга наменета за најмладата публика заедно со Брајант, кој бил голем обожавател на неговиот бестселер „Алхемичарот“.
По смртта на легендата во НБА лигата во хеликоптерската несреќа во неделата, заедно со неговата ќерка и седум други лица, Коелјо рече дека ќе го избрише она што заедно го работеле. И покрај тоа што беше опсипан со молби од обожавателите да ја доврши книгата како знак на почит кон Брајант.
„Ти беше повеќе од едноставно голем играч, драг Коби Брајант. Научив многу работејќи заедно со тебе. Но сега ќе го уништам нацртот, бидејќи книгата го загуби своето значење“, појасни во објавата Коелјо.
Писателот, исто така, за агненцијата Аssociated Press појасни дека петкратниот шампион на НБА лигата и двократен освојувач на златниот медал на Олимпијадите, му го предложил заедничкиот проект во август 2019 година. Вели дека Брајант сакал неговата книга да им покаже на децата лишени од социјалните привилегии дека спортот може да им помогне да ги надминат своите проблеми.
Еден ден, додава Коелјо, можеби ќе напише „за нештата кои ги научив од Коби и за тоа колку голема личност беше. Но книгата за деца повеќе немаше смисла“. Вели и дека со Брајант се виделе доволно пати за да се увери дека кај него има многу повеќе од спорт и оти „неговата трагична смрт веќе покажа колку тој беше важен за светот, не само за САД. Ќе разговараме за неговото наследство по многу години, и за многу повеќе од спортот“.
Коби Брајант работеше со разни писатели на серија книги за спортот. Пред само една седмица легендарниот кошаркар самиот за весникот USA Today зборуваше за своите книжевни проекти.
„Едноставно имав идеја, и некои замисли што треба да се случи со ликовите…. Знаев како сѐ треба да започне и како ќе заврши… Сфатив дека моите коавтори тоа ќе го сторат илјада пати подобро“, рече Брајант.