Укинат пратеничкиот имунитет на десничарски лидер во Германија

Германските пратеници денеска му го укинаа пратеничкиот имунитет на десничарскиот политичар Александар Гауланд во рамките на истрагата поради наводни даночни неправилности.

Гауланд (78) е еден од лидерите на парламентарната партија Алтернатива за Германија, а имунитетот му се одзема за да се овозможи „извршување на одлуките за претрес и заплена кои ги наложи судот“.

Обвинителите во Франкфурт, како што пишува германскиот весник „Шпигел“, истражуваат дали Гауланд правилно уплаќал данок.

Поради се уште непозната причина, пратениците го укинале и имунитетот на член на партијата на канцеларката Ангела Меркел.

Истрагата против Гауланд е одвоена од истрагата за неговата сопартијка од Алтернатива за Германија Алис Вајдел, која е обвинета за нелегално финансирање на партијата. Таа ги негираше обвинувањата.