
Додека Kинезите градат две болници за една недела за пациенти заразени од новиот коронавирус, нашата власт два километри автопат од границата со Косово до селото Блаце ќе гради за 18 месеци. А, патем ќе плати и неверојатни 12.2 милиони евра.
Споредбата е комична, можеби и не толку соодветна, но сепак многу зборува за односот на државниот врв кон јавниот интерес кој се гледа само низ дебела тендерска призма и секако неубедливи изговори за неможноста работите секогаш да се извршат на време, па не дај боже и во скратени временски рокови.
За потсетување, Владата прво најави дека целиот автопат од Скопје кон Приштина ќе биде завршен до 2023 година, но, со последната информација најавите се дека е можно и тој рок да биде пробиен.
Тендрот за изградба на двата километри автопат го доби Гранит. Градежните работи требаше доцнат една година, а треба да се завршат и 68 експропријации на земјишта.
Во периодот април – јуни годинава се очекува да се изработи проектната документација за втората етапа од автопатот, по што ќе се распише тендер и за нејзината изградба.
Автопатот Скопје-Блаце ќе биде долг 12,5 километри и ќе чини меѓу 110 и 120 милиони евра. Првата фаза е целосно финансирана од ЈПДР во вредност од над 12 милиони евра. За втората фаза пари ќе се обезбедат преку заем од ЕБОР и грант од ИФЗБ.