Мисајловски: За два месеца се вработени 6.000 административци, од кои 536 во „Македонски шуми“

„Сакам да предупредам на навистина загрижувачка појава на континуирано и оркестрирано уништување на државните институции. Имено во изминативе неколку години, а со исклучително засилено темпо во изминатите неколку месеци се случува процес на оптоварување на државните институции со огромен број на нови вработувања, што се извор и жариште на нов непотизам спороведуван од власта “, изјави на прес кобференција, Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ.

-Сето ова е смислено сценарио, но и аларм со кој власта купува внатрешен мир и тоа кај нивните незадоволни членови, но за сите останати граѓани ќе значи нов финансиски товар и превработени институции. Едноставно ова може да се толкува како отворен поткуп на гласови во пресрет на изборите со државни пари. За ова што говорам сведочат и следниве факти:

Само во последните два месеци, откако е договорен датумот за избори, 12-ти април, во администрацијата на сите нивоа во државата се вработени преку 6.000 нови административци. Над 6.000 луѓе само во ноември и декември, без огласите распишани овој месец. Овој месец е распишан оглас за 536 нови работни позиции во Македонски шуми! Во само неколку дена, од 20-ти јануари до сега, ова претпријатие распишува три огласи со кус рок и одеднаш вработува, внимавајте 536 лица!

Петстотини триесет и шест лица се бараат и времено да се вработуваат во претпријатие кое мака мачи да ги подмири трошоците и да исплати плати на своите вработени. Претходно имаше огласи за стотици нови вработувања во ЕЛЕМ,во МЕПСО, во Царина, во Градот Скопје со нивните јавни претпријатија.

Ова е игра со граѓаните, игра со чувството и потребата на човек за да работи и заработи. Ова е залажување на граѓаните кои се во незавидна положба да прифатат вработување на определено време, со надеж, дека ќе бидат вработени и трајно доколку го поддржат тој што овие три години ги држи во таква незавидна позиција.

Ова е класична корупција, но и партизација, политизација на администрацијата, за што укажува и Европската комисија во своите препораки.

Ова е скандал за којшто институциите мора да реагираат. Државната антикорупциска комисија мора да реагира и да ги сопре овие прекршувања на изборниот процес. Ова е поткуп на гласачите. Тука има директно влијание врз граѓанинот – поединец“, изјави Мисајловски.