
Првиот смртен случај како последица од епидемијата на новиот сој коронаворус надвор од Кина е забележан на Филипини, каде починал 44-годишник од кинескиот град Вухан, во кој кон крајот на декември минатата година се појави вирусот.
Светската здравствена организација (СЗО – WHO) ја потврди инфроамцијата на својот профил на Twitter, прецизирајќи дека тој бил вториот случај на Филипини кај кого бил потврден коронавирусот, како и дека смртта настапила во саботата 1-ви февруари.
Филипинските власти соопштија дека мажот починал во саботата од тешко воспаление на белите дробови, а станува збор за првиот смртен исход од коронавирусот забележан кај повеќе од 130 случаи на заболувањето во околу 20 земји во светот.
Во Кина во саботата се забележани нови 45 смртни случаи, а сите се регистрирани во централната покраина Хубеи, чиј главен град е Вухан, па со тоа бројот на починатите од коронавирусот во Кина се искачи на 304, додека бројот на заразените надминува над 14.000.
За првите случаи на заболувањето во петокот известија и Велика Британија, Русија, Шведска и Шпанија, додека во САД во саботата е регистриран осмиот пациент, а исто така станува збор за лице кое неодамна престојувало во покраината Хубеи.
Светската задравствена организација во четвртокот поради коронавирусот прогласи глобална вонредна состојба.