САД ја предупредија Венецуела дека опозиционерот Гуаидо треба безбедно да се врати во земјата

САД синоќа го предупредија венецуелскиот претседател Николас Мадуро дека треба да му овозможи на опозиционерот Хуан Гуаидо безбедно да се врати во земјата по неговата посета на Вашингтон.

-Се надеваме дека режимот ќе пресмета, особено по ова патување, дека поддршката за Гуаидо е таква да секое делување против него ќе се сврти против режимот, изјави Елиот Абрамс, американскиот амбасадор во Венецуела.

Повторно избран за претседател на Националното собрание, единствената венецуелска институција што ја држи опозицијата, Гуаидо ја игнорираше забраната за излез од земјата што му ја воведоа властите верни на претседателот Мадуро.

Опозицискиот лидер, кого САД и повеќе од 50 држави го признаваат како легитимен преоден претседател, во саботата од Мајами најави дека наскоро ќе се врати во Венецуела по посетата на повеќе земји.

Гуаидо вчера беше примен и од американскиот државен секретар Мајк Помпео, а во средата во Белата куќа му беше почесен гостин на претседателот Доналд Трамп, додека во вторникот присуствуваше и на неговиот говор за состојбата на нацијата пред американскиот Конгрес.