Турска делегација следните денови ќе отпатува во Москва на разговори поради ескалацијата на судирите во сириската провинција Идлиб, изјави денеска министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу на прес-конференција во Тирана.
Тој додаде дека поради сириските напади раселени се околу еден милион луѓе.
– Германија обезбеди 40 милиони евра за поддршка на турските планови да изнајде решение за сместувањето на Сиријците, кои го напуштаат Идлиб, наведе Чавушоглу.
Претходно, Кремљ соопшти дека на барање на Анкара, рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган телефонски разговараа за деескалација на кризата во Сирија.
– Во разговорот беше потенцирано значењето на целосна примена на руско-турскиот договор, вклучително и меморандумот од Сочи, потпишан на 17 септември 2018 година. Се разгледуваа различни аспекти за уредување на сириската криза, првенствено влошената ситуација во зоната за деескалација во Идлиб, соопшти Кремљ.
Ердоган претходно побара од Путин да изврши притисок врз сирискиот претседател Башар ал Асад за тензичната ситуација со турските набљудувачки пунктови во Идлиб. Тој бара сириската армија да го запре напредувањето во провинцијата Идлиб и да се повлече од турските набљудувачки пунктови до крајот на февруари.
– Турција ќе ги нападне сириските владини сили каде било во северна Сирија, ако уште еден турски војник биде повреден. Тоа ќе го направиме на кој било начин, од воздух или од земја, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Дел од руските медиуми објавија дека сириската армија ги опколува турските набљудувачки пунктови во Идлиб.